Здраво на сите!
Јас сум Наталија Кирковска, дипломиран професор по германски јазик на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, испитувач на австрискиот испит ÖSD и лиценциран предавач по BAMF за интеграциони и стручни курсеви (Integrations- und Berufssprachkurse).
Повеќе од една деценија активно работам во областа на јазичната едукација, при што мојот професионален развој го продолжив и го унапредив во Германија. Во рамките на мојата работа, покрај предавањето во општи јазични курсеви по германски, започнав и со предавање стручен германски во областа на медицинската нега (Pflege). Преку моето работно искуство во Германија стекнав темелно познавање на административните процеси за признавање на квалификации и добивање професионална лиценца за доктори, стоматолози и фармацевти.
Како едукатор сум свесна за сложеноста на процесот на совладување нов јазик и за психолошките бариери со кои се соочуваат и почетниците и напредните ученици. Секојдневно работам со лица од различна возраст и култури, при што го адаптирам наставниот пристап согласно нивните индивидуални потреби и предизвици. Бидејќи и самата ги имам поминато овие процеси, во мојата педагошка практика особено внимание посветувам на создавање поддржувачка и мотивирачка средина која им помага на учениците да ја изградат потребната сигурност. Мојата улога не е само пренесување знаење, туку и насочување, поттикнување и водство кон остварување на нивните јазични и професионални цели.
Љубовта кон германскиот јазик започна уште во моето детство, кога на возраст од десет години го открив неговиот ритам и структура. Оваа ранa фасцинација прерасна во животна определба, а при изборот на студии, без двоумење се одлучив да го посветам својот академски развој во изучувањето на овој јазик. Веќе како студент, започнав да предавам приватни часови, што ми овозможи рано да ја усовршам својата методологија и да стекнам практично искуство. По дипломирањето, мојот професионален развој продолжи во неколку приватни училишта низ Македонија, каде што ги усовршив своите педагошки вештини и работев на развивање на современи пристапи кон изучување на јазикот.
Сепак, мојата амбиција отсекогаш беше да го искусам животот во Германиј, земјата која е сржта на јазикот и културата што ги предавам. Преселбата во Германија беше исполнета со бројни предизвици од самиот старт, но мојата упорност и посветеност, проследени со бројни апликации и интервјуа, ми овозможија да живеам во оваа земја и да работам со интернационални ученици, помагајќи им да го совладаат јазикот и да го изградат својот професионален и личен потенцијал.
Мојата професионална филозофија е заснована на уверувањето дека секој човек има неограничен потенцијал да ги оствари своите цели, колку и да изгледаат недостижни. Знаењето на еден странски јазик не само што ги унапредува комуникациските способности, туку го збогатува индивидуалното разбирање за светот и ни помага да ја цениме убавината на културната разноликост.
Моите квалификации:
- Завршени студии по германски јазик и книжевност на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје
- + 12 години искуство во настава по германски јазик за странци
- Искуство во настава по стручен германски јазик за медицинска нега (Pflege)
- Сертифициран професор по германски јазик од BAMF
- BAMF лиценца за интеграциони курсеви – BAMF Zulassung für Integrationskurse
- BAMF лиценца за стручни (професионални) курсеви – BAMF Zulassung für Berufssprachkurse
- Ц1 сертификат од Гете-институт
- Лиценца за испитувач и оценувач ÖSD A1–B1 – Prüfer und Bewertungslizenz
- Искуство во подготовка за испити TELC, ÖSD и Goethe
- Сертификат за познавање на стручната терминологија и комуникациските барања во академските здравствени професии (медицина, стоматологија и фармација)
- Сертификат за обука на наставници за настава во виртуелна училница (Fortbildung der Lehrkräfte für den Unterricht im virtuellen Klassenzimmer)