Кој повеќе работи, тој повеќе има. Не и во Германија!

Во многу земји, важи правилото дека кој повеќе работи, тој повеќе има. Но, во Германија, работите не се секогаш толку едноставни, особено кога станува збор за социјалната помош. Постојат два основни вида на социјална помош за невработени: Arbeitslosengeld 1 и Arbeitslosengeld 2 (познат и како Bürgergeld или Hartz 4). Иако на прв поглед изгледаат слично, разликите помеѓу нив се значителни и може да имаат големо влијание врз престојот, визата и идните можности на примателите.

Arbeitslosengeld 1 – Поддршка за оние што придонесувале

Arbeitslosengeld 1 е наменет за оние кои веќе работеле во Германија и придонесувале во осигурителниот фонд за невработени. Овој вид помош може да се добие доколку некој остане без работа ненадејно, а претходно има работено и придонесувано најмалку 12 месеци во последните 2 години.

Клучни карактеристики:

  • Износот на помошта не е 100% од претходната плата, туку околу 60-67% (или повеќе ако има деца).
  • Се добива до 12 месеци (или подолго за постарите лица со долг работен стаж).
  • Примателите добиваат пристап до финансирани курсеви, програми за преквалификација и совети за вработување преку Arbeitsagentur.
  • https://www.arbeitsagentur.de/
  • Овој тип на помош не влијае негативно врз визата или дозволата за престој.
  • Ако некој сам даде отказ, може да добие забрана за примање (Sperrzeit) во првите 3 до 6 месеци.

Arbeitslosengeld 2 (Bürgergeld, Hartz 4) – Класична социјална помош

За разлика од првиот тип, Arbeitslosengeld 2 не се базира на претходни придонеси, туку е вид социјална помош за оние кои немаат доволно средства за живот. Овој тип на помош нема временско ограничување и може да се прима сè додека еден поединец или семејство ги исполнуваат условите.

Клучни карактеристики:

  • Се доделува само ако барателот нема доволно финансиски средства.
  • Овој тип на помош нема временско ограничување за примање.
  • Покрива основни трошоци за живот и често вклучува и поддршка за кирија.
  • Може негативно да влијае врз дозволата за престој и процесот на добивање германско државјанство.
  • Надлежна институција: Jobcenter.
  • https://www.jobcenter-ge.de/DE/Home/home_node.html

Што значи ова за работниците со ниски приходи?

Многу луѓе кои работат за минимална плата се прашуваат дали воопшто се исплати да работат, со оглед дека примателите на Bürgergeld често имаат слични или подобри услови. Причината за ова лежи во различните одбитоци што работниците со ниски приходи мора да ги плаќаат, како што се социјалните осигурувања, здравственото осигурување, пензиските придонеси, како и различните даночни класи. Овие одбитоци значително ја намалуваат нето-платата, што создава дилема за тоа дали работата за минимална плата е финансиски поисплатлива од примањето социјална помош. Ова прашање сè повеќе станува актуелно, а германската влада размислува за ограничување на можноста за примање на оваа помош, со цел да ја зголеми мотивацијата за работа.

Овој текст е авторско дело на Наталија Кирковска и сите права за користење се задржани. Копирањето, репродукцијата или било каква друга употреба на текстот без претходна дозвола од авторот е строго забранета.