Како да најдете стан за изнајмување во Германија?

Наоѓањето стан во Германија може да биде предизвик, особено за оние кои се нови во земјата. Со високата побарувачка и строгите критериуми на издавачите, потребно е добро да се подготвите за процесот. Во оваа статија ќе разгледаме каде и како да барате стан, кои документи ви се потребни, како да избегнете измами и кои чекори треба да ги преземете за успешна апликација.

Внимание! Премногу лажни огласи и измами

При пребарувањето стан, треба да бидете особено внимателни на потенцијалните измами. Многу луѓе се соочиле со лажни огласи каде што се нуди навидум идеален стан по многу ниска цена, но издавачот бара авансна уплата без претходно разгледување на станот. За да избегнете вакви измами, следете ги овие совети:

  • Никогаш не плаќајте пари однапред без да го видите станот и да потпишете легален договор.
  • Бидете внимателни со комуникација преку е-пошта – ако некој инсистира на брз договор без личен контакт или бара трансакција преку Western Union или слични сервиси, тоа е знак за измама.
  • Проверете ја адресата на станот – некои измамници користат фотографии од вистински станови, но со лажни податоци.
  • Ако огласот изгледа предобар за да биде вистинит, веројатно станува збор за измама!!!

Каде да барате стан?

Најдобрите платформи за пребарување станови во Германија се:

Дополнително, можете да проверувате групи на Facebook или локални огласи во весници.

Важно: Многу станови не се огласени!

Од лично искуство, можам да кажам дека голем дел од слободните станови нема да ги најдете на оглас. Сопствениците често не сакаат да ги објавуваат, бидејќи знаат дека побарувачката е голема и дека можат да најдат ќираџии и на друг начин. Тие исто така имаат преференции за тоа какви ќираџии сакаат. Затоа, корисно е сами да поставите оглас на ebay Kleinanzeigen со вашите барања, максимална цена и неколку информации за себе. На тој начин, ќе ве контактираат сопственици кои навистина се заинтересирани за вас.

Кои документи ви се потребни?

За да аплицирате за стан во Германија, најчесто ви се потребни следниве документи:

  • Schufa-Auskunft – кредитен извештај кој покажува дали имате финансиски обврски или долгови
  • Договор за работа и последни три платени листи – за да покажете дека имате стабилен приход
  • Mietschuldenfreiheitsbescheinigung – потврда дека немате долгови кон претходниот издавач
  • Копија од лична карта или пасош
  • Пополнета апликација за изнајмување (Selbstauskunft)

Разбирање на трошоците за изнајмување

При изнајмување стан, важно е да ги разберете различните трошоци:​

  • Kaltmiete: Основната кирија без дополнителни трошоци.​
  • Warmmiete: Кирија која ги вклучува трошоците за греење и други комунални услуги.​

Имајте на ум дека во некои случаи, дури и кај Warmmiete, не сите трошоци се вклучени, како што се струја или интернет.

Процес на аплицирање и селекција

  1. Пребарување – Редовно проверувајте ги огласите и реагирајте брзо.
  2. Контактирање на издавачот – Испратете кратко и јасно барање со основни информации за себе.
  3. Термин за разгледување (Besichtigungstermin)– Ако добиете покана, посетете го станот и поставете прашања за условите.
  4. Апликација со документи – Доставете ги сите потребни документи што побрзо.
  5. Договор за изнајмување – Доколку бидете избрани, внимателно прочитајте го договорот пред потпишување.

Заклучок

Барањето стан во Германија може да биде тешко, но со добра подготовка и внимателност можете да избегнете непотребни проблеми. Најважно е да се користат сигурни платформи, да се соберат потребните документи и да се внимава на можни измами. Со правилен пристап и организираност, шансите за наоѓање соодветен стан значително се зголемуваат.